Четири лица од Албанија се приведени во полициската станица во Струга под сомнение дека можеби го предизвикале пожарот на дивата депонија во струшко поле, која од завчера повторно гори. Од СВР Охрид информираат дека службени лица со вршат разговор со приведените со цел да се утврди нивна евентуална одговорност.

Сомнеж во вакво сценарио искажаа од противпожарната единица од Струга, за што била информирана и владата. Таа донесе одлука со која сите расположливи средства на државата се ставаат во функција на гаснење на струшката депонија.

– Ги понудивме сите наши ресурси и капацитети да асистираме и да помогнеме на општна Струга во функција на решавање на депонијата. А тоа е дополнително финансиски да го помогнеме надгледувањето преку камери, доколку треба да се зголеми, и директно ние да финансираме времен ангажман на лица кои тие ќе ги сугерираат за дополнително да ја чуваат депонијата. Тие рекоа дека веднаш по состанокот ќе се повлечат и за неколку дена ќе изнајдат решение и ќе ни ги предложат. Владата има вакви механизми преку кои времено ќе ангажира граѓани од Струга кои што би направиле дополнителен мониторинг. Сомневањата се дека постојат две причини, ги кажувам соменвања затоа што не се потврдени со докази. Една од причините е, за жал, палење на депонијата, се надевам дека не е така, но еве и преку ваков ангажман на лица кои што би ја обезбедувале континуирано 24 часа депонијата, би се остварила таа можност. Второто сомневање е дека од присутните стакла на депонијата, преку сончевите зраци, присуство на природен гас, лесно доаѓа до запалување на самата депонија.- истакна премиерот Зоран Заев.

Тој рече дека овие се времени решенија додека не се најде трајно решение за депонијата.

 

Во меѓувреме, екипи на противпожарната служба, потпомогнати од механизација и работна сила на јавните претпријатија и фирми се обидуваат да ја изгаснат запалената депонијата од каде се издигаат густи блаци токсичен чад кои можат да се видат од плажите на охридското крајбрежје.

Г.М.