Градоначалникот Никола Бакрачески попладнево ги доби клучевите од специјалното возило за лица со посебни потреби, донација за општина Охрид , набавено во рамки на акцијата „Декември- Месец на отворено срце“.


Возилото ќе биде наменето за потребите на здруженијата на лица со посебни потреби, кои ќе можат да го користат по претходна најава.

– Грижата за лица со попреченост е една од нашите приоритетни активности како локална самоуправа.  Го прифативме стопанисувањето со возилото и неговото одржување и со тоа ја заокруживме комплетната реализација на овој проект. Сите здруженија ќе имаат можност да го користат возилото кое е значајна алатка за лицата со посебни потреби во однос на нивната социјализација во општеството и обавувањето на социјалните активности во што досега беа хендикепирани
, изјави градоначалникот Бакрачески.


Хуманитарната акција ја иницираше претпријатието за собирање отпад „Отпад“ – Охрид во соработка со јавното комунално претпријатие, а се реализира со голема помош на Лајанс клубовите Лихнидос и Десарети, Ротари клубот од Охрид, локалната самоуправа, училиштата во општината, голем број помагатели и хумани граѓани.

– Се надевам дека оваа наша општествена одговорност ќе даде резултати и ќе поттикне и други граѓани, во иднина, да се вклучуваат во слични акции. Оваа акција ќе стане традиционална,ќе се одржи и оваа година и се надевам ќе стане нешто препознатливо за овој град
, изјави Диел Аголи од Лајанс клубот Лихнидос.


Возилото претходно беше во сопственост на здружението „Зраци“, кое несебично одлучи да го донира за потребите и на останатите здруженија на лица со посебни потреби во Охрид.

-Од самиот почеток идејата беше возилото да им служи на граѓаните на Охрид и на сите лице со пречки во развојот. Користа е голема и не може да се опише со зборови.Самите лица, самите нивни семејства знаат колку беше оневозможено движењето досега и колку ќе биде полесно отсега натаму
, рече Зоран Костадиноски, раководител на здружението „Зраци“.


Возилото марка „Мерцедес“ е опремено со специјална рампа и содржи потребен простор за превоз на опрема наменета за лица со посебни потреби.

OhridNews