Единственото македонско улично списание „Лице в лице“ од денеска им е достапно и на граѓаните на Охрид и гостите во градот.
Промотори на „Лице в лице“ во Охрид се актерите од Народниот театар во Охрид, Јасмина Билаловиќ и Никола Тодороски, како и Кристина Тодороска – Петреска, програмска координаторка на ИНКА, која често ги поддржува и струшките продавачи.
„Лице в лице“ не само што им помага на маргинализирните да го најдат своето место во општестовото, туку и ни помага и нам, граѓаните со содржините кои ги нуди, кои се едукативни, корисни и ослободени од дневната политика.“ – изјави актерката Билаловиќ.
Координаторката за организациско – стручни работи на Црвен крст Охрид, Мимоза Ставрева, потенцираше дека социјалното претприемаштво е основа за вклучување на сите лица од ранливите категории во општеството, но, истовремено, претставува нивна можност за заработка.
„Драго ми е што неодамна им се јавив на нашите корисници, со цел да ги известам за нешто многу повеќе од пакет помош. Со работниот ангажман во „Лице в лице“, тие ќе можат и сами да си го обезбедат она што им е најпотребно.“ – објасни Ставрева.
Кристина Тодороска – Петреска, од ИНКА, која е верен поддржувач на „Лице в лице“ и редовно им помага и на струшките продавачи рече дека списанието им дава шанса на маргинализираните лица да направат чекор напред, но и поддржува и помага иницијативи кои стануваат важен фактор во општеството.
Изминатиов период, во партнерство со Црвен крст Охрид се вршеа подготовки за проширување на мрежата на „Лице в лице“ и во Охрид, а продавачите минаа и низ обуки кои ги подговија за новиот предизвик.
Списанието ќе може да се купи само од продавачите кои ќе можат да се сретнат во охридската чаршија, на кејот, на плажите долж Охридското крајбрежје.
„Лице в лице“ е активистичко улично списание, кое го промовира моделот на социјално претприемаштво кај нас. Го продаваат социјално загрозени сограѓани, бездомници, младинци од улица и лица со пречки во развојот. Половина од продажната цена на списанието е директна поддршка за продавачот, додека останатата половина се вложува во програми за инклузија на овие сограѓани и за печатење на нов број на списанието.
OhridNews