Ракометарите на Еурофарм Пелистер го освоија целиот плен во „Билјанини Извори“, победувајќи го Охрид со 24-20 (11-9), во рамките од седмата рунда во плејофот од Супер лигата. „Гладијаторите“ иако изгубија им пружија солиден отпор на битолчани, кои требаа добро да се испотат за победа во Охрид.

Охрид не само што му парираше добро, туку на средината од првото полувреме успеа и да поведе со два голови (7-5). „Пелистерци“ брзо се консолидираа, со серија од 4-1 го презедоа водствоо 9-8, а до крајот обезбедија плус два 11-9.

Почетокот на вториот дел не донесе измени што се однесува до резултатот. Гостите ја чуваа предноста, додека охридските ракометари добро пратеа. Имаше Охрид неколку напади и за егал, но не ги реализираа. Битолчани, во финишот уфрлија брзина погоре. Се одлепија на плус четири (18-14), водство кое го преточија во триумф од 24-20.

Во охридскиот табор расположени за игра беа Денис Тот и Мартин Манасков, кои реализираа по шест голови, а солиден меч имаше Јагош Брауновиќ со седум одбрани. Кај гостите најефикасен беше Јосип Периќ со седум погодоци, а Градимир Чаневски собра осум интервенции.

За охриѓани ова беше трет пораз во седмиот меч, додека битолчани ја забележаа шестата победа. Во вториот натпреверувачки круг од плејофот во Супер лигата, Охрид, на домашен терен ќе го пречека Бутел Скопје.

OhridNews