Кошаркарскиот клуб АВ Охрид се врати на победите во Првата лига, откако пред своите гледачи го совладаа составот на Вардар со 73-64 (29-13, 19-17, 13-18, 12-16).


Победа, вкупно втора сезонава беше повеќе од потребна за охридскиот состав кој претрпе пет порази во серија после триумфот во првата рунда против Пелистер.

Гостите на домаќините им парираа само во првите минути кога имаа водство 4-1. Од тогаш пулените на Петар Чочороски со серија 24-4 стигнаа до водство (25-8).

Првите десет минути ги добија со 29-13, а во вториот период ја зголеми предноста за два поени (48-30) добивајќи го со 19-17.

Кошаркарите на АВ Охрид, се опуштија во третиот период, а гостинските кошаркари го искористија и ја намалија негатива за пет поени (61-48).

Во одлучувачките десет минути, „црвено црните“ ја намалија предноста на „галебите“ и на пет поени, но на крајот домаќините не дозволија изненадување и забележаа нова победа.

Најпрецизен во домашниот состав беше Василиќ со 22 поени, Ѓорѓевиќ и Младеновиќ постигнаа по 11, а Донески и Михајловски реализираа по 10 кошеви.
Кај гостите 16 поени постигна Калов, Србиновски запиша 13 зад своето име, а Митев застана на 10 кошеви.


Во следната рунда која е последна за годинава охридските кошаркари гостуваат кај битолски Пелистер.

OhridNews