Дебел слој на мраз ја прекри површнината на лизгалиштето кое деновиве беше поставено на Охридскиот плоштад. Стручните лица задолжени за монтирањето на овој голем забавен реквизит ги прават последните подготовки пред неговото свечено отварање, кое е закажано за утре во 20 часот со концерт на македонската поп ѕвезда Ламбе Алабакоски.
За Локалната самоуправа на Охрид, лизгалиштето на мраз претставува дополнителна атракција за новогодишните и божиќните празници.
-Игралиштето кое е прво од ваков тип се поставува со цел охриѓани, а и гостите кои ги очекуваме за новогодишните празници да се анимираат да го посетат градскиот плоштад. Локалната власт за сите љубители на овој спорт за време на зимскиот распуст ќе организира бесплатни часови по лизгање, а ќе се издаваат и лизгалки за мраз, најавија од Општина Охрид.
Се планира лизгалиштето да работи секојдневно до крајот на јануари доколку тоа го дозволат временските услови. Во монтирањето на лизгалиштето кое се протега на 350 метри квадратни беа вклучени сите општински јавни претпријатија.
OhridNews