Ранохристијанската базилика во археолошкиот локалитет ,,Манчевци”, која пред околу три години беше откриена во стариот дел на градот, во иднина ќе биде достапна за гостите и туристите кои го посетуваат Охрид. Проектот за конзервација и презентација на овој важен културно-историски локалитет, е веќе завршен, а дел од активностите кои истиот ги предвидува треба да  започнат наскоро.


Од Националната установа Завод и музеј од Охрид, велат дека во текот на оваа година ќе биде реализирана само правата фаза од целокупниот проект за конзервација.

– Годинава од страна на Министертвото за култура добивме пари за првата фаза од проектот. Според него прво ќе се изведат потпорни ѕидови, со цел да зајакнат и да добијат потпора објектите кои се наоѓаат околу базиликата и патот кој поминува од тука. Исто така предвидена е изградба на покривна конструкција, со која ќе биде заштитен мозаикот, па потоа ќе се започне со активностите за конзеравација на богатите мозаични подови и столбови, кои што се многу зачувани, вели Тања Паскали Бунташеска, директор на Завод и Музеј.

Таа потсетува дека овој археолошки локалитет кој бил откриен случајно во 2008  година има голема вредност за Охрид и Македонија.


-При ископ на земјени работи за темели, при изграба на три индивидуални стамбени објекти, дојде до откривање на базиликите кои потекнуваат од IV или V век и имаат големо историско културно значење, кое заслужува да биде прикажано пред јавноста, објаснува Бунташеска.

Таа нагласи дека веќе е започната постапка за експропријација на земјиштето, каде што е лоцирана  вредната базилика.

Е.М