Националната анкета која ja објави денес Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) открива дека мнозинството на граѓаните се незадоволни од нивните локални власти. 

“Додека многу внимание е посветено на националните предизвици на Македонија, загриженоста во врска со работењето на локалните власти  е јасно видлива во најновата анкета”, рече Јан Суротчак, регионален директор на ИРИ за Европа. “Во пресрет на локалните избори, што се очекува да се одржат подоцна на оваа година, политичките партии мора да најдат начин за решавање на проблемите кои се најважни за локалните гласачи”.

Педесет и еден процент од испитаниците изјавиле дека се донекаде или многу незадоволни од работата на нивните градоначалници, додека 47 проценти ги изразиле истите ставови и за нивните општински совети. Четириесет и шест проценти се изјасниле дека, исто така, биле незадоволни од нивните локални администрации. Во поголем број се испитаниците (37 проценти) кои сметаат дека нивната општина се движи во погрешна насока, 35 проценти се неутрални, а само 23 проценти сметаат дека нивната општина се движи во вистинска насока.

На прашањето за влез во ЕУ, значително мнозинство изразило поддршка за членството во ЕУ (72 проценти) и членството во НАТО (71 процент). Сепак, 59 проценти сметаат дека Македонија е подалеку од полноправно членство во ЕУ денес отколку кога за прв пат стана кандидат во 2005 година. Додека поддршката за членство во ЕУ и НАТО останува силна, поддршката за членство во ЕУ сепак е малку пониска од таа на претходната националната анкета на ИРИ спроведена во ноември 2016 година (од 76 проценти на 72 проценти), додека процентот на испитаници кои се изјасниле за влез во НАТО паднал од 77 проценти на 71 процент.

Анкетата била спроведена на репрезентативерн примерок од 1.108 испитаници.

OhridNews