Да се елиминираат сите неправилности во такси превозот и превозот со таски комбиња до плажите не може во краток период,  но ние покажавме иницијатива проблемите да се решат и дека сме подготвени да реагираме на неправилностите, што вроди со позитивни резултати, вели раководителот на Секторот за локален економски развој, Ѓоко Апостолов во врска со остранувањето на проблемите околу такси превозот кои години наназад се провлекуваа во текот на летната туристичка сезона.

Апостолов информира дека охриѓани и гостите кои престојуваа во градот ја искористиле можноста која од страна на локалната самоуправа им беше дадена уште на почетокот на сезоната- секоја неправилност да ја пријавуваат на броевите 192- Полиција,198-УЈП или директно во ТЛЕР.

– Голем број од граѓаните ја искористија можноста и веднаш по нивните пријавувања надлежните иснпекторски служби излегуваа на терен и преземаа соодветни санкции, вели  Апостолов.

Со цел отстранување на проблемите во такси превозот – одбивањето да се вози на кратки релации и произволното наплаќање за извршениот превоз, на почетокот на месец јуни, локалната самоуправа наложи во секое такси возило да се постават ценовници и лиценци за возење, како и правилник, односно кодекс на однесување. При тоа, беа објавени и трите броеви на кои граѓаните може да ги пријавуваат неправилностите. 

Т.К.