Раководителите на секторите и одделенијата при локалната самоуправа одржаа прес конференција како одговор на вчерашните обвинувања упатени од страна на општинската ВМРО- ДПМНЕ. Имено, од оваа партија тврдеа дека во извештаите за реализација на програмите од секторот за комунални дејности евидентни се големи промашувања во плановите и реализацијата на истите.


Секоја програма донесена од советот има приходен и расходен дел. Забораваат да кажат дека во приходниот дел се средствата од министерството  за транспорт и врски и Агеннцијата за државни патишта. Во 2010, од ветените 32 милиони  денари пристигнаа само 7, истото се случува и за 2011 година. Никој не може да очекува реализација без пари. Жално е што од вкупно предвидени 300 милиони денари, владата на Охрид му доделува само седум.  Она што го реализиравме граѓаните го гледаат- рече советникот на градоначалникот Зоран Шикалески. Тој уште еднаш потсети на дел од реализираните проекти-  колекторскиот и секундарниот систем во Пештани,  бунарите за водоснабдување во Рамне, Лескоец, Трпејца, реконструкцијата на бунарот во селото Љубаништа, канализациониот систем во Велгошти и Лескоец. – Доколку има средства зошто општината не би ги реализирала донесените програми. За нас добро е да добиваме добронамерни критики, но да се даваат забелешки за она што е направено е срам и лицемерие. Според мене ова е политичка игра пред предвремените избори, рече Шикалески.


Тони Иваноски, внатрешниот ревизор на локалната самоуправа, потенцира дека треба да се прави разлика помеѓу програмите за работни активности и буџетската програма. – Нормално е активностите да бидат и буџетски покриени, но поради одредени околности не може да се постигне целосна покриеност. Има програми кои во целост се реализирани, но извештаите тоа не го покажуваат бидејќи не се целосно исплатени парите за реализацијата. Причините се во исплаќањето на старите обврски. Во 2010 година,  138 милиони денари беа исплатени за плаќање на стари обврски од пред 2005 година. Ако тие пари беа ставени на располагање во 2010 поинаква ќе беше сликата и во буџетот и програмата и ќе имавме повисоки проценти на реализација, рече Иваноски.

Раководителот на одделението за финансии и буџет, Александар Китрозоски, рече дека при носењето на буџетот се јавува  реален проблем, затоа што тој се носи оптеретен со обврски од изминати години.

На вчерашните обвинувања од ВМРО- ДПМНЕ кои се однесуваа на Секторот за локален економски развој, денес одговори раководителот на секторот, Гоце Симоноски. Според него, станува збор за депласирани информации и клевети со цел да се наруши угледот на градоначалникот и општинската администрација, како и да се направи дискредитација на постигнатите резултати. – Извештаите се погрешно и тенденциозно протолкувани, рече Симоноски.

Т. К.