Општина Охрид има одговорна и транспарентна администрација, која не е во сон, туку работи со максимално темпо во извршувањето на своите секојдневни работни задачи. – Сега работиме и со поголем елан за да не се почуствува одсуството на градоначалникот. Донесени се 26 програми како насоки за работењето во тековната 2011 година. Во подготовка е материјалот за одржување на следната 30- та по ред седница која очекуваме претседателот на советот да ја закаже деновиве, рече секретарот на општина Охрид, Димитрија Вревезоски.
Според Зоран Шикалески, советник на градоначалникот Петрески, обвинувањата пристигнале од лице кое нема морален кредибилитет да поставува прашања. – Може да прашува каде одат парите на граѓаните оној кој гради и плаќа комуналии, односно давачки кон локалната самоуправа, а не лице кое не плаќа, рече Шикалески. Во однос на капиталните инвестиции за кои од ВМРО- ДПМНЕ изјавија дека ги нема, Шикалески ги потенцира изградбата на колекторот, целосната реконструкција на улицата Даме Груев, Гоце Делчев, колекторските системи во Велгошти, кај болничкиот комплекс, во Лескоец, Подмолје, како и дека со средства од локалната смаоуправа биле изградени патишта во должина од 80 километри. Во однос на Железничка, Шикалески истакна дека врз основ на експропријација, локалната има потрошено многу повеќе средства од колку владата за изградбата на булеварот.
Раководителот на Секторот за урбанизам, Бранко Арнаудоски, потенцира дека непречено тече процедурата околу носење и реализација на урбанистички планови.
– Од наша страна е направено се за да се реализира изградбата на Здравствениот дом, како и во однос на автобуската станица. Во фаза на обработка се 40 урбанистички опфати, од кои дел се во завршна фаза, а останатите во нацрт и работна верзија, рече Арнаудоски.
Раководителот на Одделението за финансии и буџет, Александар Китрозоски, истакна дека наследените долгови од 2005 година преку тековното работење во голем дел се исплатени. – Се враќаа долговите, но се превземаа и тековни зафати. Очекуваме да ни се одобри барањето за кредит со чии средства и приходите од тековно работење ќе се затворат најпроблематичните долгови. Во моментов не знаеме какви судски решенија можат да пристигнат по разни основи. Се надеваме дека годинава долговите во целост ќе ги исплатиме и општината конечно ќе може да влезев во втора фаза од дентрализација, рече Китрозоски.
Гоце Симоноски , раководителот на ТЛЕР, потенцира дека секторот работи согласно донесена програма. – Извештаи за сработеното, и евентуалните проблеми редовно се испраќаат до градоначалникот, рече Симоноски.
Во врска со обвинувањата дека не се направени капитални инвестиции во областа на културата, Митре Велјаноски, потенцира дека поради тоа што општината е во прва фаза од децентрализација, нема обврска за такви инвестиции. – Не може да им објаснеме на граѓаните ако парите кои тие ги плаќаат, наместо за изградба на пат или колектор, ние ги инвестираме во спорт или во капитални инвестиции во културата. Досега многу од културните манифестации финансиски сме ги помагале, но поради наша добра волја, а не затоа што тоа е наша обврска , рече Велјаноски.
Директорот на ЈП Комуналец, Сашо Алчев, посочи дека јавното претпријатие е пример за добро извршување на работните задачи, за што потврда е мислењето на граѓаните. – Вработените редовно земаат плати. Ако некој навистина краде од вработените сигурно надлежните органи веќе ќе имаа извршено контроли во претпријатието, немаше да чекаат тоа да им го каже претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ, рече Алчев. – Владата и ВМРО- ДПМНЕ го донесоа законот за управување со гробишта и погребални услуги. Лицемерно е истите луѓе да носат закони и да ги задолжуваат граѓаните со давачки, а од друга страна да кажуваат дека се борат за намалување на нивната висина. Подобро нека ги повлечат, рече Алчев.