Советот на денес одржаната деветта седница, ја усвои предлог одлуката за организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација на општина Охрид, односно за реорганизација на општинската администрација.

Како што објасна секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески , целта е да се изврши рационализација на секторите во локалната самоуправа, при што ќе дојде до формирање на нови сектори.

– Како нова локална власт наследивме над 270 државни службеници и се  јави сериозен проблем од сконцентрираност на повеќе активности во рамки на еден сектор. Со носење на нова организација и правилник за систематизација на работни места ќе извршиме определено растеретување на секторите од оние дејности кои им се несуштински, а се вметнати во нивниот состав, вели Спасески.

Од досегашниот Сектор за правни и општи работи, ќе се формираат два одделни сектори- за правни работи и сектор за општи работи.

–    Сметавме дека правниот сектор треба да е  посветен исклучиво на правните работи, затоа што имаме многу предмети и незавршени судски постапки, објаснува Спасески.

Секторот за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина ќе се подели на сектор за урбанизам и сектор за животна средина.

Секторот за јавни дејности ќе се трансформира во неколку нови сектори. За прв пат во рамки на општината ќе почне да функционира сектор за култура и соработка со УНЕСКО,Сектор за образование, детска и здравствена заштита, и Сектор за млади и спорт и невладини организации.  

На денешната седница советот не ги усвои извештаите за работењето  на одделението за даноци, за комунални такси и извештајот за реализација на програмата за животна средина за периодот од 1- ви јануари до 30- ти јуни.

Мнозинството советници позитивно се изјаснаа за извештајот од реализација  на  Програмата  за  изработка на урбанистички планови на општина  Охрид  за  периодот од 01.04.2013 до 30.06.2013 година,, Извештајот  за реализација  на  Програмата  за поддршка  на локалниот економски развој на  општина Охрид  за  периодот од 01.04.2013 до 30.06.2013 година, како и за Извештајот  за реализација  на  Програмата  за  поттикнување на  развојот на туризмот на општина  Охрид  за  периодот од 01.04.2013 до 30.06.2013 година.

Поголемиот број точки на дневен ред на седницата беа од сферата на урбанизмот.

Т.К.