На денешната, повторна средба на градоначалникот Јован Стојаноски и дел од неговите соработници со претставници на угостителскиот еснаф, се усогласуваа ставовите околу наплаќањето на комуналната такса и надоместокот за поставување на урбана опрема.

На средбата беше прифатена понудената опција од Локалната самоуправа, комуналната такса за вршење дејност да се плаќа на почетокот на секој месец и да изнесува 10 денари за  зона А, 7,5 денари за зона Б и 5 денари за зона В, во периодот од мај до октомври (летно тарифирање), а за периодот од октомври до мај (зимско тарифирање) да се плаќа по 5 денари за метар квадратен во трите зони. Елаборатите кои досега се изработуваа за секоја година, во иднина ќе важат и за следната, доколку во меѓувреме не се донесла нова годишна програма или не се сменил корисникот.

Надоместокот за поставување на урбана опрема на јавни површини односно на градежно изградено и уредено земјиште, како што беше соопштено на средбата, согласно законските прописи ќе се плаќа врз основа на склучен договор за краткорочен закуп и за времетраење кое корисниците го побарале пред склучувањето на договорот. Висината на надоместокот на месечно ниво, за метар квадратен, ќе биде 300 денари за зона А, 250 денари за зона Б и 200 денари за зона В (летно тарифирање) и по 150 денари за трите зони, за периодот од октомври до мај (зимско тарифирање).

Изнесените износи во вид на предлог-одлуки ќе бидат ставени на дневен ред на наредната седница на Советот на општина Охрид.

OhridNews