Во рамки на започнатите инспекциски контроли со цел да се утврди дали и во колкав дел се почитуваат договорите за закуп на плажите, општинскиот инспекторат утврдил дека на плажата „ Потпеш“ просторот целосно е прекриен со лежалки, без воопшто да се остави слободен простор, што е спротивно од одредбите содржани во договорите за закуп. За лежалките се наплатувало од страна на лица ангажирани на плажата. За утврдената состојба, од страна на инспекциските служби изготвена е уредна документација , врз основ на која се очекува да бидат поднесени соодветни пријави.

Од локалната самоуправа информираат дека иста состојба била затекната и на плажата „ Канео”, за каде претходно до надлежните пристигнале поплаки од граѓани дека на средношколци или основци од страна на лица ангажирани од закупците не им се дозволувало да престојуваат на плажата, под изговор дека не биле потрошувачи. Незадоволни граѓани и туристи до инспекторатот имале пријавено и дека биле изложени на нападно и насилничко однесување од страна на лица ангажирани на плажите кои од нив барале постојано да вршат нови нарачки на пијалоци.

Сите анкети кои се спроведуваа во изминатата година покажаа дека туристите во Охрид најмногу незадоволство генерираат од високите цени на угостителските услуги и од состојбата со плажите, поточно непочитувањето на правилниците и договорите од страна на поедини концесионери кои ги имаат целосно прекриено плажите со лежалки и наплатуваат за нивно користење, без притоа да остават 60 % слободна површина – вели градоначалникот Никола Бакрачески.

Градоначалникот потенцира дека отстапки нема и не може да има бидејќи законот е ист за сите и сите треба подеднакво да го почитуват.

Толеранција на самоволието, нередот, насилничкото однесување и непочитување на законот нема да има додека сум јас на власт. Сите оние концесионери на плажи кои упорно го кршат законот, ќе бидат сакнционирани, ќе се поднесат соодветни пријави, а ќе бидат раскинати и договорите за закуп на плажите, кои пак потоа повлекуваат други последици за нив – вели Бакрачески.

Како што информираат од локалната самоуправа, кај плажата „ Потпеш” било констатирано и дека има узурпација на државно земјиште, на потегот од крајот на „ Мост на желбите”  па се до делот каде се изградени бетонски зданија на плажата за кои ќе се испитува дали се изградени согласно законот.

За ова сторено дело исто така ќе биде поднесена соодветна пријава – информираат од Локалната самоуправа.

Оттаму, додаваат дека инспекциските служби продолжуваат со акцијата за контрола на плажите и во текот на наредните денови, се до крајот на летната сезона.

OhridNews