Изградба на училишен центар, централно греење, подобрување на стандардот на просветните работници, се дел од ветувањата кои претставниците на  Регионалниот Одбор на СОНК ги добиле од градоначалникот Петрески на средбата одржана вчера.

На првата официјална средба помеѓу новоизбраниот претседател на Регионалниот Одбор на СОНК Аце Речкоски, присуствуваа и синдикалните лидери Димче Донески, Петре Тасевски и Ристо Ристески, а градоначалникот бил придружуван од членот на советот Јоне Станкоски, кој воедно е претседател на општинската комисија за општествени односи.
 
На средбата градоначалникот ги образложил своите идеи  и визијата  за образовните институции и за образованието во Охрид како сосема децентрализирана општина, најавувајќи изградба на средношколски центар каде  ќе бидат сместени сите сега постојни школи.

– На овој начин сите ученици ќе живеат во еден т.н. средношколски град, а од постојните згради со нивна комерцијална пренамена ќе го финансираме одржувањето и функционирањето на планираниот средношколски центар, објаснил Петрески.


Како што информираат од СОНК, се разговарало и за реалните патни трошоци кои пред две години ги укина Министерството за образование, за потребата од вработување на нов технички и административен кадар, за одржувањето на  училиштата, како и за  решавање на статусот на  постојниот вработен кадар за кој  работните места се упразнети.

Градоначалникот  Петрески ветил дека проблемот со патните трошоци  на просветарите ќе се  реши  уште следниот месец, во рамки на јавниот превоз, односно со постојните сообраќајни линии кои ги менаџира општината во соработка  со автопревозниците.

-Проблемот  ќе биде решен и ќе важи за сите членови на СОНК за кои  ќе бидат изготвени  годишни  автобуски билети, соодветно на потребната релација каде што им гравитира работното место, истакнал Петрески.


Градоначалникот на средбата со претставниците на СОНК најавил дека општината ќе се заложи да бидат задржани сите вработени во образовните установи со  можност  нивните плати да бидат  зголемени, соодветно на  значењето и статусот кој треба да го имаат просветните работници во едно општество. Исто така цел на општината е изградба на  централно  греење и подобрување на условите за работа во образованието, додал Петрески.

На средбата станало збор и за наставната програма при што бил даден предлог  во  наставните  планови  за основните и за средните училишта да се вметне едно т.н. роднокрајно учење и запознавање на околината со сите нејзини автентичности  и белези.

СОНК и градоначалникот најавија нова средба следната недела во кабинетот на Петрески, на која конкретно ќе се разговара за решавање на проблемот со патните трошоци  на вработените  во образованието.

OhridNews