Општина Охрид нема никаква придобивка од функционирањето на Центарот за развој на Југозападниот плански регион во изминатата година, сметаат советниците и градоначалникот Петрески.

Според градоначалникот, од реализираните проекти на центарот, многу мал дел од  нив имаат позитивен ефект за Охрид. – Ние како локална самоуправа размислуваме дали воопшто во иднина да ги исполнуваме своите обврски во однос на центарот, со оглед на тоа дека немаме никаква придобивка од неговото работење, вели Петрески.

Советниците од ВМРО – ДПМНЕ сметаат дека за правилното  функционирање на овој центар потребно е да се креираат проекти кои ќе повлечат финанскиски средства од надворешни, странски фондови. – Југозападниот плански регион има ниско ниво на транспарентоност во донесувањето на одлуките. Кадровските потенцијали треба да се ослободат и сами да креираат проекти за граѓаните од охридско – струшкиот регион, со цел да може да се забележат позитивните ефекти од постоењето на Центарот, велат од ВМРО- ДПМНЕ.

Според советникот од ВМРО- Народна партија, Јоне Станкоски, иако Центарот е формиран од Владата, кадровски е пополнет од локалната самоуправа, па тоа е една од причините за слабите резултати од работењето на центарот . – Средствата од сметката на буџетот не се уплатени на сметката на Центарот, па општината преку средствата на граѓаните го овозможува неговото  функционирање, но за жал тие не им се враќаат на  граѓаните, вели Станкоски.

Центарот за развој на Југозападниот плански регион е со седиште во Струга, а формиран е од Владата на РМ. Вакви региони има  вкупно 8 и тие засега се финансираат од државниот буџет.

OhridNews