Согласно Програмата за подршка на локалниот економски развој и туризмот , општина Охрид објави јавен повик за финансирање на проекти од областа на одржливиот локален економски развој и туризмот за 2011. Право на учество имаат невладини организации, месни заедници и граѓански здруженија со седиште во општина Охрид.

Како што информираат од Секторот за локален економски развој, предност ќе имаат понудените проекти кои се  однесуваат на развојот на малите, средните претпријатија и претприемништвото, употребата и искористувањето на природните ресусрси и унапредување на инфраструктурата, како и за активности поврзани со презентација на локални бизнис иницијативи.


Од областа на туризмот, ќе може да се аплицира со проекти кои се однесуваат на дефинирање и промоција на туристички производ, подобрување на постојната и изградба на нова инфраструктура, брендирање на Охрид како туристичка дестинација и јакнење на човечките ресурси. Интересно е да се спомене дека ќе може да се аплицира со проекти за реновирање на постоечки капацитети и реадаптација на куќи и објекти во традиционална стара градба, во сместувачки капацитети.  При тоа, право да аплицираат ќе имаат физички лица кои се заведени во регистарот за категоризација на угостителските објекти за сместување во мал обем.


Првите 4 дена од објавата на јавниот повик, најголем интерес има од страна на приватните станоиздавачи. Тоа беше и очекувано со оглед на тоа дека охриѓани се повеќе се фокусираат на туризмот и реадаптацијата на своите куќи со цел да ги издаваат на туристи. Од година во година се поголема е и конкуренциијата во однос на понудата на сместувачките капацитети и затоа секој се обидува што подобро да го опреми својот објект, потенцира Ѓоко Апостолов од Секторот за туризам и локален економски развој.

Документите до општина Охрид ќе може да се достават најдоцна 30 мај. Максималниот износ за подршка на секој избран проект изнесува 200. 000 денари, а предвидениот период за реализација на проектните активности е до 5 месеци од потпишувањето на договорот.

OhridNews