Општина Охрид на суд ќе ја оспори најавената инвестиција на индискиот мулијардер Субрата Рој, кој сака да гради модерен туристички центар во Љубаништа, доколку локалната самоуправа не биде детално запознаена и вклучена во реализација на проектот и не добие цврсти гаранции дека предвидената градба нема да го загрози статусот на Охридското Езеро како светско природно наследство заштитено од УНЕСКО. Градоначалникот Петрески обвинува дека државата со неколкуте набрзина донесени закони ги суспендира ингеренциите на општината, се со цел на индискиот инвеститор да му овозможи речиси за беспари да го добие атрактивното земјиште во Љубаништа. Тој смета дека не случајно е предвидено најголемиот дел од објектите да се изградат на вода, со што според него, нема да има потреба да се обештетат сопствениците на приватните имоти на крајбрежјето, а постоечките хотели на ривиерата ќе добијат нелојална конкуренција.

-Не е во ред кон нашите хотелиери кои платија илјадници евра за комуналии, сега на некој дојден од некаде да му даваме бесплатнио земјиште или по цена од евро за метар квадратен или комуналии воопшто да не плати.-изјави градоначалникот на Охрид Александар Петрески.

Мислењата на јавноста околу најавената инвестиција се различни, од тоа дека се работи за преамбициозен проект, кој не се вклопува во амбиентот на Охридското Езеро, до тоа дека тоа ќе биде најдоброто нешто што може да му се случи на охридскиот туризам. Поделени мислења имаат и екологистите. Едни сметаат дека изградбата на туристичкиот комплекс во Љубаништа нема да го наруши еко системот, други, пак, го тврдат спротивното.

– Нас ни беше кажано дека во езерото и на дното нема да се чепка, дека објектитите би биле некој вид пливачки објекти , што значи дека нема за се загрози живиот свет во езерото.-рече Ѓоко Зороски од ЕД Грашница.

-Како и да бидат изградени тие објекти, ќе го нарушат природното плодиште каде се мрестат голем број риби, така да било да се на вода или на суво тие објекти ќе го нарушат тоа плодиште.-смета Радован Димитриески  од СРД „Св. Апостол Петар“.

Туристичкиот комплекс во Љубаништа кој сака да го гради индиската компанија „Сахара Индија Паривар“, според најавите, ќе биде најголем ресорт изграден на природно езеро во Европа. Комплексот според приложениот план ќе се протега на површина од 240 хектари. Ќе содржи хотел на вода, луксузни хациенди ,казина, станбени и рекреативни објекти и терени за голф. Вкупната инвестиција се проценува на околу 250 милиони евра.

Г.М.