Локалната самоуправа ги поддржува  реакциите на жителите од стариот дел на Охрид кои поради бучавата од угостителските објекти не можат око да склопат до раните утрински часови, стои во испратениот допис од Локалната самоуправа.

– Токму затоа, од надлежните државни органи се бара  под итно да се преиспитаат и одземат издадените дозволи за работа и во иднина, во стариот дел на Охрид, воопшто да не се издаваат одобренија за работа на кабареа, дискотеки и  ноќни клубови, стои во дописот.

Од општина Охрид потенцираат дека одобренијата за работа на угостителските објекти не ги издава локалната самоуправа, туку надлежните органи на Владата на Република Македонија , кои во најголем дел се задолжени и за контрола на нивното законско работење. Локалната самоуправа потсетува дека централната власт мора да се грижи за спроведувањето на прописите и да ги заштити граѓаните  што живеат во старото  градско јадро.

– Слична е состојбата и со издадените концесии  за плажите, кои надвор од законските прописи, наместо да се затвараат по 20 часот, тие како дискотеки на отворено, работат до раните утрински часови. Гласната музика од плажите без спиење , во летниот период  ги остава не само жителите на стариот дел,  туку и на поширокото подрачје на центарот на Охрид и туристичките населби долж крајбрежјето. Локалната самоуправа и во овој случај бара, надлежните органи на централната власт, кои ги издаваат плажите под концесија, прецизно да го утврдат режимот на користење и работното време на плажите кои сега работат како ноќни клубови на отворен простор, се наведува во дописот.

OhridNews