Локалната самоуправа верува дека идејата за изградба на луксузен туристички комплекс во Љубаништа ќе се реализира, за што неодамна било разговарано на средба во Министерството за транспорт и врски на која присуствувале  претставници на инвеститорот, на архитектонското студио Аткинс, министерството за култура, Хидробиолошкиот завод, НП Галичица и на општина Охрид.

-Инвеститорот и понатаму е силно заинтересиран да продолжи овој проект и да ја оствари најавената инвестиција во туристичкиот комплекс во Љубаништа.
-изјави денеска градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

На средбата, како што посочи Бакрачески, главниот проектант од надлежните институции бил запознаен со сите аспекти кои е потребно да бидат запазени при проектирање на туристичкиот комплекс.

-Проектантите од Аткинс изразија подготвеност да ги прифатат сите забелешко кои што релевантните институции од Република Македонија ги имаат околу изградбата на овој туристички комплекс. Беше побарано од нивна страна сите забелешки, критериуми и правила кои треба да бидат запазени да им се достават во форма на водич по кој главниот проектант ќе го реализира проектот.-рече Бакрачески.

Градоначалникот на Охрид ја уверува јавноста дека најавениот амбициозен проект во Љубаништа ќе биде изграден согласно закон и ќе ги задоволи потребните стандарди.

Јас можам да упатам смирувачка порака до сите загрижени граѓани и скептици кои што сметаат дека можат да бидат нарушени некои стандарди во градењето, но тоа во ниеден случај нема да се случи, затоа што ниту државните институции, ниту јас како градоначалник нема да дозволам било какво отстапување од законските прописи при изградба на туристичкиот комплекс во Љубаништа. -истакна Бакрачески

Тој рече дека директно не е запознаен со ставовите на Македонската православна црква, чии претставници се противат на изградбата на туристички комплекс на просторот на кој се наоѓа црковно земјиште. Тој рече дека нема информации за ваквото противење, како и дека засега не била побарана средба со него на која ќе се разгледува ова прашање.

Инаку, проектот кој треба да го реализира групацијата на милијардерот Субрата Рој „Сахара Индија Паривар“ во Љубаништа, предвидува изградба на суперлуксузен хотел – казино на вода, како и апартмани, вили, марини, голф терени и други пропратни објекти кои според најавите на инвеститорот ќе придонесат градот да стане светска туристичка дестинација.

OhridNews