Надлежните во охридската локална самоуправа се оптимисти дека официјалните податоци за посетеноста на градот, по завршувањето на летната туристичка сезона, ќе бидат исти или подобри од минатогодишните.

Податоците со кои располагаат во Секторот за локален економски развој, кои се базираат врз наплатата на туристичката такса и евидентираните ноќевања, од почетокот на годината заклучно месец јуни покажале позитивни резултати. Наплатата на туристичката такса заклучно месец јуни 2013 бележи зголемување од 29%, додека пак бројот на ноќевања е поголем за 13,3%.

Јуни е единствениот месец каде се бележи пад на ноќевањата споредено со истиот период минатата година. При тоа, мора да се земе во превид дека во месец јуни и до средината на јули временските прилики не беа добри. Со стабилизирање на времето, градот се наполна со гости и имавме добра посетеност. Сигурен сум дека кога ќе се резимираат податоците и за месец јули и август ќе се покаже дека Охрид  ги надминал  бројките и во однос на ноќевањата и во однос на наплатата  на туристичката  такса, споредено со 2012. Но, за да не се даваат паушални податоци ќе почекаме додека ги добиеме официјалните податоци од надлежните одделенија, вели раководителот на Секторот за локален економски развој, Ѓоко Апостолов.

Тој потенцира дека не се чекаат резултатите за да почнат подготовките за идната туристичка сезона.

Подготовките  се во тек , а заложбите на ТЛЕР се насочени кон подобрување на условите за привлекување на што поголем број гости во Охрид, додава Апостолов.  

Т.К.