Локалната самоуправа ги поистовети локалните on line медиуми со социјални мрежи и побара од нив јавно да ги објават податоците за читаност за да се утврди нивната релевантност.

– Ова се прави за да се утврди влијанието на On line медиумите врз формирањето на јавното мислење во Охрид и Републиката, информираат од Локалната самоуправа, додавајќи дека општината и натаму ќе ги поддржува медиумите.

Локалните интернет медиуми, меѓу кои е и OhridNews, сметаат дека не треба да се поистоветуваат со  социјалните мрежи, затоа што тие се јасно профилирани како информативни веб страници, односно on line весници.  Дел од нив успешно функционираат со години, имаат своја публика, доверба и влијание, онолку колку читателите им веруваат, но тие се реалност, се дел од реакците објавени  на локални интернет медиуми. Некои од нив барањето на Локалната самоуправа го оквалификуваа како некоректно и најавија дека за тоа ќе ги информираат надлежните институции и Здружението на новинари на Македонија.

Од Локалната самоуправа објаснуваат дека нивната намера не е да ги делигитимират интернет медиумите, ниту да ја оценуваат нивната работа, туку бараат јавно да се објават статистичките податоци за читаноста (бројачите на посети) со цел, како што велат, Општината во креирањето на односите со јавноста да знае на колкава публика и се обраќа преку on line весниците. Оттаму додаваат дека недоразбирањата кои предизвикаа реакции  на интернет медиумите настанале  поради вакум просторот, односно непостоењето на јасни правила на работење во оваа област, што се користи од поединци за остварување на  поинакви цели.

OhridNews e прв и водечки интернет весник во Охрид. Со околу14.000 уникатни посети и над 45.000 прочитани содржини дневно, весникот одамна ги надмина локалните граници. Статистиката за посетеноста на OhridNews е јавна и достапна на читателите и заинтересираните субјекти од самиот почеток на работа на електронскиот весник, кој за придонесот во информирањето и развојот на демократијата во 2008 година го доби највисокото општинско признание, повелбата „Св. Климент Охридски“. Во 2010 година OhridNews стана првиот интернет медиум во Република Македонија кој  го добил националното признание за придонес во  зајакнувањето и промовирањето на граѓанското општество, што го доделуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за трајни заедници и USAID. За жал дел од традиционалните електронски медиуми, ги игнорираа признанијата и постоењето на  интернет медиумите, за денес  и самите  тие  да  се најдат погодени од погрешната споредба на информативните веб страници со социјалните мрежи. Ниту тогаш ниту сега OhridNews не чувствува потреба некому да објаснува дека интернет медиумите не само што се реалност, туку според сите светски статистики се број еден извор на информации. Да се игнорира нивното постоење е како да не се живее во реалното време,  но од друга страна треба да се направи јасна дистинкција помеѓу професионалните on line изданија и крајно тенденциозните обиди за политичка контаминација на интернет просторот заради остварување на бизнис или партиски интереси. И покрај наметливиот „стил“, за  среќа читателите многу добро ја воочуваат разликата кои се сериозни интернет медиуми, а кој е on line партиски огранок или мегафон на одредени интересни групи за остварување на нивните и лични интереси, кои немаат никаква врска со објективното информирање и јавниот интерес

OhridNews