Градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески и претседателот на регионалниот СОНК, Ацо Речкоски, денес потпишаа меморандум за соработка со кој се регулира покривањето на патните трошоци на околу 170 просветни работници во општината кои секојдневно патуваат до нивните работни места.

Согласно потпишаниот меморандум во иднина овие трошоци ќе ги надоместува локалната самоуправа.

Регионалниот одбор на СОНК во континуитет се грижи за потребите на членовите. Од големо значење е што се исполна барањето за покривање на патните трошоци на просветните работници кои патуваат на релација село- град и затоа јавно и се заблагодарувам на локалната самоуправа. Согласно меморандумот, просветните работници во текот на целата година, бесплатно, ќе патуваат до своите работни места со исправи кои се изготвени од страна на синдикална организација на СОНК, изјави при потпишувањето на меморандумот претседателот на регионалниот СОНК, Ацо Речкоски.

Како што потенцира градоначалникот Александар Петрески, со меморандумот се решава еден од најголемите проблеми со кои досега се соочуваа просветните работници во општина Охрид.

–    Ова не е предизборна активност, бидејќи ние како локална самоуправа сме во постојан контакт со СОНК и заеднички чекор по чекор се обидуваме да ги решаваме проблемите. Во минатиот период повеќе вложувавме во обезбедување на услови за изведување на наставата. Сеуште не ги имаме во целост ингеренциите од областа на образованието, пред се во однос на платите и изготвувањето на наставните програми, но затоа помагаме онаму каде можеме, рече градоначалникот Петрески.

Тој со ветување дека штом локалната самоуправа во целост ги преземе ингеренциите од областа на образованието, веднаш платите на просветните работници во општината ќе бидат покачени за 10%.

Тања Кувенџиска