– Инспекциските служби секојдневно вршат контрола на Охридското и другите природни езера и до сега не е забележано прекршување на забраната за пловидба на скутери во пропишаниот термин, изјави Љупчо Настоски од Капетанијата на пристаништа Охрид.
-Однесувањето на учесниците во водниот сообраќај е подобрено и генерално се почитува забраната за пловидба на скутери која важи од 20-ти јули до 20-ти август од 11 до 18 часот. Нормално во толкава толпа на луѓе мора да има и такви кои не го почитуваат законот. Има посебно наши, да ги наречам локални шерифи, кои што се ставаат над законот и кои што во континуитет години наназад ја прекршуваат таа забрана. Истите буквално дивеат по охридските плажи. Нашата надлежност е да им укажеме дека се опасниост и бараме да се повлечат од обележаните капалишта, доколку не го сторат тоа ги информираме Капетанијата и полицијата. Голем дел од тие проблеми полицијата и Капетанијата ги решаваат, но секогаш постојат проблеми кои тие не можат да ги решат, не знам од која причина, вели Александар Јосифоски, координатор на Единицата за спасување на вода при Црвен крст Охрид.
Безбедноста на плажите на охридско струшката ривиера е на задоволително ниво, потенцира Јосифоски. Засега не е забележан ниту еден посериозен инцидент на Охридското Езеро, а спасителите на вода имале 7 успешни спасувања на давеници и 12 интервенции кај лица со здравствени проблеми.