Ова се само дел од заклучоците по спроведеното истражување од страна на Центарот за граѓански комуникации, а кое се однесува на примената на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер од страна на новинарите.
Истражувањето покажало дека новинарите ретко го користат правото за слободен пристап до информации кое, како што потенцираат од Центарот за граѓански комуникации, е сериозна алатка за добивање поквалитетни информации.
– Причините се бројни, од недоверба во институциите дека ќе одговорат, до делумно незнаење како да се пополни и испрати барањето. Во сериозен дел и поради долгиот период од 30 дена, односно 40 што е најдолг во Европа каде рокот е од 15 до 20 дена, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
За резултатите од спроведеното истражување имаа можност да се запознаат и охридските новинари кои учествуваа на дебатата во организација на Центарот за граѓански комуникации, а во рамки на проектот Пристапот до информации- извор за поквалитетно информирање, поддржан од Европската унија.
Како што беше нагласено на дебатата, целта е преку заеднички средби со новинарите тие да се поттикнат кон почесто користење на демократската придобивка- законот за слободен пристап до информации, како и да се испрати барање за законски промени и скратување на рокот во некои разумни европски рамки.