Не престануваат меѓусебните обвинувања на политичките партии и локалната самоуправа, кои се разжестија последниот период. Нивното однесување, а пред се вокабуларот кој го употребуваат повеќе наликува на предизборна кампања, иако до редовните локални избори има една година.

Во меѓувреме ОК ВМРО ДПМНЕ упати нови обвинувања кон Локалната самоуправа, која како што се наведува во соопштението, не бележи никаков напредок.

-Единствена општина за која напредок и капитална инвестиција се мислена именка е Општина Охрид токму поради неспособноста и манипулациите на Петрески и СДСМ, се вели во реакцијата.

ВМРО ДПМНЕ Охрид  инсистира општината да одговори конкретно за што се потрошени средствата од ставките и на кои фирми и по кои процедури се исплаќало, како и да објасни кои капитални објекти се изградени во градот.

Локалната самоуправа, исто така преку соопштение,  реагираше на обвинувањата на ВМРО- ДПМНЕ, потенцирајќи ги дека тоа се неаргументирани напади и клевети за работењето на градоначалникот Александар Петрески.

Господо од ОК на ВМРО- ДПМНЕ , престанете да ширите лаги во јавноста , криејќи се зад  функциите во партијата. Во името на демократијата , граѓаните од вас очекуваат , да излезете пред нив и да им објасните , што сте направиле вие за нив , а што сте ќариле од членството и функциите кои ги вршите во ВМРО- ДПМНЕ, стои меѓу другото во соопштението на  Локaлната самоуправа.

OhridNews