Низ три форумски расправи, со партиципативно учество на значајните, засегнати, страни од ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, во текот на месецов, се очекува да, ќе биде развиен проект од тематските области туризам, животна средина, бизнис инфраструктура и социјална инклузија во чија реализација ќе бидат инвестирани 112.000 швајцарски франци.
Согласно правилата, проектот треба да се реализира кај најмалку три општини од Регионот, и истиот треба да содржи инфраструктурни мерки со кои ќе биде разрешен, или ублажен, одреден проблем од споменатите тематски области, а со кои се соочуваат, пред се, единиците на локалната самоуправа. Проектот, чиј носител е Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, е поддржан од страна на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.
Идејата е, преку регионалните форуми, учесниците да идентификуваат проектни идеи, од кои подоцна ќе се развијат 5 проектни концепти, што ќе бидат доставени на разгледување до Советот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, кој ќе избере 3 за аплицирање до Грантовата шема. Откако Комисијата за евалуација, од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка, ќе одобри еден од трите доставени концепти, Центарот започнува со процесот на подготовка на предлог-проект, што треба да биде завршен до крајот на месец октомври.
Форумските сесии започнуваат утре, среда, со почеток во 11 часот, во хотелот Дрим во Струга и ќе се одржат последователно на 20 и 27 февруари. Последната сесија планирана за првата половина на ноември ќе биде посветена на анализа на постигнатите резултати и ефекти од непосредно реализираниот проект.
OhridNews