Градоначалникот Никола Бакрачески, претседателката на советот, Гордана Коњановска, секретарот на општината Димитар Спасески, советници, директори на јавни претпријатија, денес , купувајќи и донирајќи прехранбени производи се вклучија  во кампањата за одбележување на 16 октомври, Светскиот ден за борба против гладта и Неделата за борба против гладта.

Како што истакна градоначалникот, Никола Бакрчески,  локалната самоуправа по втор пат  се вклучува и ја подржува хуманитарната акција. Ги повика охриѓани да ја покажат својата хуманост и во што поголем број да земат активно учество во кампањата. 

Сакаме да ги поттикнеме сите хумани граѓани, правни лица да се приклучат,  да земат активно учество во акцијата во рамки на своите можности, да донираат производи се со цел да им се излезе во пресрет на потребите на социјално загрозените семејства во општина Охрид, да ги потсетиме дека некој сепак се грижи за нив и за момент да ја вратиме нивната насмевка, рече Бакрачески.

Градоначалникот додаде дека ваквите акции се само краткорочна мерка за помош на најзагрозените, но она на што локалната самоуправа става акцент е долгорочно решавање на проблемот преку раздвижување на локалната економија и отварање на што поголем број работни места.

Претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков  изрази благодарност до локалната самоуправа и сите хумани луѓе кои се вклучија во акцијата.

Сакам и да ги охрабрам лицата корисници на социјална помош кои се работно способни да не ја губат желбата за работа. Нека се обратат до нас, имаме неколку програми кои нудат начини на заработка. Со тоа ќе си  ја подобрат својата егзистенција, изјави Точков.

Во секој од поголемите маркети низ градот до 22- ри октомври ќе бидат поставени пунктови каде граѓаните ќе може да донираат производи.

На ниво на општина Охрид евидентирани се над 500 социјално загрозени семејства. Во соработка со Центарот за социјална работа и врз база на податоците на Црвен крст подготвени се списоци, врз основ на кои по завршување на кампањата, во последната недела од октомври, донираните производи ќе бидат доставени до граѓаните кои се наоѓаат во незавидна економска состојба.

До социјално загрозените граѓани, преку Црвениот крст ќе бидат доставени и околу 50 хуманитарни пакети набавени со средства од општинскиот буџет.

Т.К.