Датумот за гаснење на аналогните предаватели во Македонија останува 1 јуни 2013 година, по што сите телевизии ќе емтуваат сигнал во дигитална технологија кој ќе биде пренесуван од нов оператор кој е во фаза на лиценцирање, информираат од Агенцијата за електронски комуникации – АЕК.

-Од 1.6. 2013 година сите телевизии ќе бидат пренесувани преку овој нов оператор. Во моментов трае анкета меѓу 47-те локални телевизиии, што ја спроведува Советот за радиодифузија, кој од нив сакаат да прераснат во регионални. Тие кои не сакаат да станат регионални во иднина не ќе можат да емитуваат сигнал во градовите за кои немаат лиценца, што е случај сега, истакна Роберт Орданоски – директорот на АЕК.


Граѓаните дигиталниот телевизиски сигнал ќе го добиваат преку посебни уреди кои ќе се понудат на пазарот, а за 40.000 социјално најзагрозени семејства Македонската радио дифузија ќе обезбеди бесплатни уреди преку кои тие ќе можат да ја следат програмата на јавниот сервис и комерцијалните телевизии.

Паралелно со дигитализацијата на телевизискиот сигнал, ќе стартува 4-та генерација мобилна телефонија 4G со супер брзини, со што Македонија прва од регионот ќе им се придружи на развиените европски држави каде постои ваква мрежа.


– Покривањето ќе биде еден од критериумите за добивање лиценца, така што операторот кој ќе конкурира ќе треба да покрие за 4 години 95 проценти од територијата на земјата со 4G мрежа со брзина над 50 мегабити во секунда, појасни Ордановски.

Од АЕК информираат дека по корекцијата на цените во фиксната телефонија од идниот месец ќе следи намалување на цените во мобилната телефонија, додека новата регулација на смс пораките ќе стартува откако за ова прашање официјално ќе се произнесе Европската комисија.


Во Охрид во тек е Втората меѓународна регулаторна конференција на која се расправа за прашања што се однесуваат на најновите технолошки достигнувања во областа на електронските комуникации и информатичкото општество, која ја организира Агенцијата за електронски комуникации.

Г. Момироски