Од 12 потенцијални локации за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион во кој спаѓаат и општините Охрид и Струга, како најсоодветна е избрана таа кај селото Годивје, општина Дебрца. Ова меѓу другото го истакнаа стручните лица на јавната расправа за влијанието на животната средина на проектот за изграба на Интегриран систем за управување со цврст отпад во Југозападниот плански регион, кој треба да се реализира со средства од ИПА фондовите.

Планот е овој проект да се имплементира до 2020 година, по што тој ќе стане оперативен, односно ќе започне со работа регионалната депонија. Важна компонента во проектот е подигнување на јавната свест на населението преку едукација која ќе ќе започне од училиштата. – изјави Христос Компанидис – тим лидер на проектот.

 
Христос Компанидис – тим лидер на проектот и Ана Каранфиловска Мазнова – МЖСПП

Според Ана Каранфиловска Мазнова од секторот за управување со отпад при МЖСПП, реализацијата на овој проект ќе овозможи да се затворат околу 100 диви депонии кои се лоцирани во Југозападниот плански регион, меѓу кои и таа во Струга, каде е предвидено да се изгради една од вкупно четири станици за трансфер на отпадот.

ваа инсталација ќе биде изградена според највисоки еколошки стандарди, со линија за селекција на отпадот кој ќе биде третиран и од него ќе се произведува био гас, а само мал дел ќе биде депониран. – истакна Каранфиловска Мазнова.

Дел од експертската јавност изрази загриженост, посочувајќи дека локацијата во општина Дебрца е несоодветна за изградба на регионална депонија, бидејќи тој регион се наоѓа во сливот на Охридското Езеро.

-Во случај на хаварија на депонијата што не е неможно може да има големи штети и загадувања на водата во Охридскоот Езеро и животинскиот и растителниот свет. Баш ме чуди зошто во сливот на Охридско Езеро, зошто не се префрли преку Пресека или да се избере некоја локација во реоните кои не се во сливот на Охридското Езеро како Дебар на пример или по течението на Дрим каде неможе да се загрози езерото. – рече д-р Трајче Талевски – експерт по животна средина. 


Д-р Трајче Талевски

Јавна расправа за влијаниeто на Интегрираниот систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион врз животната средина вчера се одржа и во општина Дебрца.

Г.М.