По предлог на Директорот на Ј.П.”Охридски Комуналец”, Елена Скрческа, денес се одржа состанок со претставници од Одделението за инспекциски надзор-Инспекторат и комуналните редари при локалната самоуправа, со цел подобрување на меѓусебната соработка и комуникација во доменот на одржување на јавната чистота, јавното зеленило и услужната хигиена.
Од страна на претставници од комуналното претпријатие беа посочени најкритичните точки и проблеми со кои се соочуваат секојдневно. Меѓу нив, одржувањето на јавната хигиена на такси постојките, каде таксистите го загадуваат просторот со отпушоци и отпадоци, проблемот со отпушоците кои ги расфрлаат дел од вработените од локалите по градската чаршија и “Македонски Просветители”, преполнувањето на кантите (чија намена е депонирање на ситен отпад) со комунален отпад по градската чаршија и други фреквентни сообраќајници. Од комуналното претпријатие укажуваат и на несоодветното депонирање и оставање на комуналниот отпад кај индивидуалните објекти на улиците ”Гоце Делчев” , „7-ми Ноември” и “Стив Наумов”, како и на критичните точки каде се врши злоупотреба на намената на контејнерите, како што е на улиците ”Егејска” , ”Сатеска” и ”Васил Стефоски”.
Од ЈП „Охридски комуналец“ се жалат и на непристапноста на нивното возило до поранешниот објект на МТВ, поради паркираните возила. Во поглед на одржување на јавното зеленило, од „Охридски комуналец“ велат дека најголем проблем создаваат домашните миленици, кои ги уништуваат парковите.
Од Инспекторатот беше посочено дека голем проблем е одржувањето на зеленилото од индивидуалните објекти кое ги загрозува јавните пешачки зони и површини, како и одржувањето на локации кои се наоѓаат на фреквентни места и се во приватна сопственост, а сопствениците не ги одржуваат.
На средбата беа донесени голем број заклучоци, идеи и предлози за подобрување на комуналната хигиена и јавното зеленило, кои во соработка меѓу јавното претпријатие и инспекторатот ќе бидат реализирани во текот на 2014.
OhridNews












