Екипите на Баерн Минхен и Челси обезбедија поволни резултати на гостински терен, победувајќи ги Лацио со 4-1 односно Атлетико Мадрид 1-0, во првите натпревари од 1/8 финалето во Лигата на Шампиони.

„Баварците“ дилемите околу победникот, а веројатно и патникот во топ 8 ги решија по 45 минути игра на Олимпико, постигнувајќи три погодоци. Полскиот голгетер Роберт Левандовски уште во 9-та минута го отвори резултатот. Во 24-та минута Џамал Мусиала зголеми на 2-0, а маестралното прво полувреме го заокружи Лерој Сане, со голот за 3-0. На стартот од второто полувреме, Баерн Минхен стигна до 4-0, после автоголот на Франческо Ачерби. „Лацијалите“ неколку минути подоцна постигнаа почесен погодок и го ублажија поразот. Стрелец беше Хоакин Кореа.

Лондонските „сини“ благодарение на Оливие Жиру триумфираа со 1-0 во првата средба и зачекорија кон четвртфиналето во Лигата на Шампиони. Французинот во 68-та минута со ножички ја погоди мрежата на Јан Облак, погодок кој се покажа пресуден за конечниот победник.

Првиот круг во осминафиналето ќе се комплетира со утрешните мечеви помеѓу Борусија Менхенгладбах – Манчестер Сити односно Аталанта – Реал Мадрид.

OhridNews