Екипите на Барселона и Интер со победи извојувани на различни начини ги започнаа натпреварите во Лигата на Шампиони. Каталонците рутински пред своите гледачи го совладаа ПСВ Ајндховен (4-0), додека „нероазурите“ со пресврт славеа против Тотенхем (2-1) на „Џузепе Меаца“.

Творец на победата на Барселона беше Лионел Меси кој постигна три од четирите погодоци. Аргентинецот погоди за 1-0, а потоа стрелаше за 3-0 и 4-0. Вториот погодок за домаќините беше дело на Осман Дембеле. Барселона мечот го заврши со десет фудбалери, откако два жолти картони доби Самуел Умтити.

Интер со блиц во финишот успеа да го сврти резултатот во своја полза и да го совлада Тотенхем со 2-1 во првиот меч после шест години пауза во најеминетното клупско натпреварување во Европа. Предност за англичаните донесе Кристијан Ериксен во 54-та минута. Резултатот гостите го чуваа до 85-та минута кога Мауро Икарди со маестрален погодок ја затресе мрежата на англискиот голман. Изедначувачкиот погодок ја крена атмосферата во Милано, а кулминираше со голот на Весино во третата минута од судиското продолжение за конечна победа 2-1.

Новата сезона во ЛШ имаше маестрален почеток. Вљубениците во фудбалот можат да тријат раце, бидејќи допрва следат вистинските возбудувања.

OhridNews