Најтрофејниот клуб во Европа со девет освоени титули и неприкосновениот во Шпанија, Барселона во кој тим настапуваат репрезентативците, Кирил Лазаров и Борко Ристовски е противник на Вардар во 1/2 финалето во Лигата на Шампиони.
„Црвено црните“, ракометарите на Барселона ги посакуваа во финалето, но ќе мора токму против да се борат за финалниот билет на завршниот турнир во Келн.
– Францускиот тим ПСЖ не го посакував во 1/2 финалето и желбата ми се оствари, а Барселона ја посакував во финалето. Нашиот ривал добро го познаваме и нема да има скриени адути помеѓу нас. Доста време имаме пред нас да се подготвиме физички и психички и кога веќе сме во Келн да „изгиниме“ за трофејот. – изјави капитенот на Вардар, Столе Стоилов.
Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес Гутиерез исто така ги искажи своите впечатоци после ждрепката за полуфиналните мечеви. – Веспрем не го посакував, бидејќи одигравме со нив неколку натпревари. Ја добивме Барселона која исто како нас заврши на првата позиција во групата. Рецептот за успех против клуб како Барселона е јасен со многу памет и срце, без овие две работи не може да се победи. Очекувам многу тешка средба, но нека ни биде пример мечот со Фленсбург во Скопје кој го добивме иако се соочивме со голем психолошки притисок.
Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Веспрем – Пари Сент Жермен. Завршниот турнир во Келн е на 3 и 4 јуни.
OhridNews