Англискиот преставник во Лигата на шампиони, Челси е првиот патник во финалето откако на Ноу Камп ремизираше со актуелниот европски клупски првак Барселона 2-2. Минималната победа на “сините на “Стемфорд Бриџ“ во првиот натпревар се покажа како клучна во 1/2 финалниот двомеч со Барселона.


Почетокот на натпреварот не наговестуваше драма на Ноу Камп. Очекувано “блауграната“ нападна уште од првата минута. Првата прилика за погодок ја имаше Меси по двојната комбинација со Фабрегас, голманот на “сините“ Чех беше на место.

Ѕидот на Челси, остана ослабен Кејхил по еден дуел со Меси се повреди и мораше да го напушти мечот. Во иста ситуација се најде и Гвардиола кој мораше да менува. По судирот со голманот Валдес, Пике заработи посериозна повреда на главата.

Организираната одбрана на Челси, делуваше сигурно до 35-та минута, Дани Алвеш го проигра Куенка а младиот фудбалер на Барса, по земја го пронајде Бускетс кој непречен од никого ја затресе празната мрежа.

Погодокот во мрежата на Чех, предизвика нервоза во редовите на “сините“, а почетничка грешка направи Џон Тери кој без топка го фаулираше чилеанецот Санчез. Турската шесторка го забележа, а главниот судија Чакир на капитенот Тери му го покажа патот кон соблекувалните.

 
Во последните минути од првиот дел, Барселона ја дуплираше предноста на 2-0 и имаше резултат кој ја водеше во Минхен. Аргентинецот Меси несебично го проигра Иниеста, овој рутинирано го матираше Чех.

Челси имаше негативен резултат, фудбалер помалку и беше отпишан од пласман во финалето. Така не мислеше бразилскиот интернационалец Рамиреш, кој мајсторски го лобуваше Валдес по додавањето на Лампард.

Сликата во вториот дел не се промени, Барселона беше таа која напаѓаше а Челси со сите фудбалери се бранеше. Трагичар на 1/2 финалниот дуел на Ноу Камп е Лионел Меси, аргентинецот во 49-та минута не успеа да погоди од белата точка, пречката беше сојузник на Чех. И по промашениот пенал, Барселона не се откажа од офанзивата, Куенка се обиде од дистанца но потесната одбрана на Челси, расчисти.

Круна на “фајтерската“ игра во текот на сите 180 минути за Челси, стави оспоруваниот Фернандо Торес. Шпанскиот репрезентативец во првата минута од судиското продолжение прифати еден отпадок, излезе очи во очи со Валдес, го издрибла и ја затресе празната мрежа и обезбеди второ финале за четата на Абрамович.

Италијанецот на клупата на Челси, Роберто Ди Матео ќе има сериозни проблеми околу составување на екипата за финалниот дуел откако поради жолти картони право на настап ќе немаат неуморните Рамиреш и Раул Меирелеш, како и “поцрвенетиот“ Џон Тери.


Мх.П.