Сезоната после освојувањето на европската титула нема да остане во долго сеќавање на фудбалерите на Челси. Но, ќе биде запишана во аналите на Лигата на Шампиони каде бранителот на трофејот натпреварите ги завршил во групи, прв пат во историјата.


“Сините“ во одбраната на титулата тргнаа со реми 2-2 против италијанскиот првак Јувентус. Потоа следуваше “покер“ победа над Нордсјланд на гостински терен.


Во третото коло на гостувањето во Доњецк, Челси прв пат го осети вкусот на поразот откако загуби 2-1. “Сините“ во четвртата рунда експресно им возвратија на Шахјтор 3-2, но украинците постигнаа гол повеќе, кој на крајот ќе се покаже како пресуден за елиминацијата од ЛШ.


Поразот 3-0 од “старата дама“ беше фателен за менаџерот на “сините“ Роберто Ди Матео, кој заработи отказ веднаш по завршување на мечот. Тука некаде пласманот во наредната фаза за европскиот првак беше сведен на теорија откако “сините“ имаа послаб меѓусебен скор од Јувентус и Шахјтор.

Во последното коло Челси на Стемфорд Бриџ забележа пирова победа над данскиот Нордсјеланд 6-1. Со новиот менаџер Рафаел Бенитез фудбалерите од Стемфорд Бриџ ќе атакуваат на пехарот во Лигата на Европа.

По срамната елиминација на англискиот првак Манчестер Сити откако во шест мечеви не успеа да победи на еден, за лулката на фудбалот Англија следуваше уште еден потежок удар елиминација на европскиот првак Челси.

Во нокаут фазата честа на англичаните ќе ја бранат трикратниот првак Манчестер Јунајтед и финалистот од 2006 година Арсенал.

Мх.П.