Базел го направи најголемото изненадување на отворањето на новата сезона во Лигата на шампиони во фудбал. Во рамки на Е групата швајцарскиот шампион славеше во Лондон над Челзи со 2:1, со целосен пресврт откако домаќинот водеше со 1:0 со голот на Оскар. За разлика од Челзи, вториот фаворит во групата Шалке без потешкотии ја совлада Стеауа со 3:0.

Во дербото на колото во Ф групата, Наполи го совлада актуелниот вицепрвак Борусија од Дортмунд со 2:1. Наполи поведе со голот на Игуаин во 29 минута, Инсиње со прекрасен гол од слободен удар во 67та зголеми на 2:0, а конечните 2:1 ги постави Ѕунига со автогол. Пандев ги одигра последните петнаесет минути. Борусија цело второ полувреме имаше играч помалку откако по интервенцијата со рака надвор од шеснаесетникот исклучен беше голманот Вајденфелер. Претходно на трибините беше испратен и тренерот на Борусија Клоп. Во вториот натпревар од групата Арсенал на гости со 2:1 го совлада Олимпик Марсеј.

Во групата Г, Атлетико во Мадрид го совлада Зенит со 3:1, а Порто со минимални 1:0 славеше во Виена против Австрија.

Во последната, Х група, Милан во финишот го скрши отпорот на Селтик. На Сан Сиро „росонерите“ славеа со 2:0. На Ноу Камп Барселона со убедливи 4:0 го совлада Ајакс. Меси постигна хет трик, а стрелец на еден гол беше Пике.

OhridNews