Четири реванш натпревари од осминафиналето во Лигата на шампиони ќе се одиграат во вторник и во среда. Екипите кои ќе бидат домаќини на овие натпревари се фаворити над опонентите, бидејќи пред три недели, кога гостуваа, забележаа победи.

Актуелниот европски првак, Баерн Минхен со предност од 2:0 ќе го пречека Арсенал. Баварците се наоѓаа во неверојатна серија, играат ефикасно, во саботата победи во Волфсбург со 6:1 и поставија нов Бундеслигашки рекорд од 16 последовни победи.

Арсенал со оптимизам допатува во Минхен, неговите играчи веруваат дека можат да приредат сензација. Оптимизмот се темели на добрата форма, во саботата во ФА купот ’топџиите’ го победија Евертон со 4:1. Играчите на Арсенал веруваат да го репризираат минатогодишниот резултат кога во Минхен го совладаа Баерн со 2:0.

Атлетико Мадрид против Милан, во реваншот, ќе влезе со минимална предност до 1:0. „Ќе се обидеме да постигнеме гол, но исто така ќе мора да ја контролираме играта. Мора да доминираме на средината од теренот, да не му оставиме простор на противникот, само така можеме да минеме во четвртфиналето. Сигурен сум дека не очекува тежок меч. Милан е екипа со голема историја“, рекол тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне.

Атлетико на овој меч ќе биде посилен за Диего Коста, Арда Туран и Диего Годин, кои поради ситни повреди го попуштија првенствениот меч со Селта.

Во среда Пари Сен Жермен ќе го пречека Баер Леверкузен. Францускиот првак, во реваншот на домашен терен, влегува со огромна предност од 4:0. Барселона и Манчестер Сити ќе играат на „Ноу Камп“, а по првиот меч каталонците имаат предност од 2:0.

Двата тима не играат во најдобра форма, а потврда за тоа имаше изминатиот викенд, Барселона загуби во Ваљадолид со што се оддалечи од борбата за титулата во Шпанија, додека Сити на домашен терен беше елиминиран од ФА купот од второлигашот Виган.

Двојки

Вторник : 20:45 ч. Атлетико Мадрид-Милан (прв натпревар 1:0), 20:45 ч. Баерн Минхен-Арсенал (2:0)

Среда : 20:45 ч. Пари Сен Жерман-Баер Леверкузен (4:0), 20:45 ч. Барселона-Манчестер Сити (2:0).

 

„Макфакс“