Македонскиот ракометен првак Металург го освои
второто место во групната фаза од Лигата Шампиони и противникот во
нокаут фазата ќе го добие од третиот шешир. Во него се екипите на
Чеховски Медведи, Динамо Минск и најинтересниот противник Атлетико
Мадрид предводен од капитенот на македонската ракометна репрезентација,
Кирил Лазаров.

Ракометарот на
“црвено белите“ Лазаров го посакува токму Металург во 1/8 финалето
додека од таборот на “металурзите“ се резервирани и не коментираат кој
противник им е желбата за нокаут фазата.

– Го посакувам
Металург во 1/8 финалето од Лигата на Шампиони. Не сакам да замислувам
каква ќе биде атмосферата на тој дуел. Сакам да играм пред полна сала и
да се сретнам со многу мои добри пријатели. Треба среќата да одигра
своја улога во жрепката и на мегдан да не испрати со Металург –
потенцираше Лазаров.

Во
шеснаесте екипи во осминафиналната фаза македонскиот преставник е со
најмалку искуство, но според Лазаров тоа не е пречка за добар резултат.


Искуството не секогаш е пресудно за добар резултат. Металург има
гранитна одбрана предводена од Станиќ кој е еден од 3-4 најдобри голмани
во светот. Тимот има на располагање 20 играчи кои се подеднакво
квалитетни, а тоа неможе секој да си го дозволи. Без разлика кој ќе
игра, сите имаат квалитет. Тоа ќе им го кажам и на соиграчите, ако
ждрепката ни одреди пресметка –
рече Лазаров, неодамна за “Дневник“.

Капитенот
на македонската селекција го сака Металург за противник и поради фактот
дека токму Шпанија од каде доаѓа Атлетико Мадрид е следниот противник
на Македонија во квалификациите за ЕП.

– Тоа ќе биде еден
начин генерална проба за нашата селекција бидејќи голем дел од
репрезентивците доаѓаат од тимот на Металург. Атлетико Мадрид игра
сличен ракомет како шпанската селекција која на Светското првенство се
закити со златното одличје –
смета Лазаров.

Ако се сретнат
Лазаров и Металург во 1/8 финалето за прв пат во “Борис Трајковски“,
македонскиот “бомбардер“ ќе истрча во спротивниот табор. Секогаш бил дел
од македонската селекција на мечевите одиграни во спортскиот храм.


Не очекувам публиката да биде против мене, ниту пак сметам дека тоа сум
го заслужил. Професионално ќе си ја одработам задачата и ако се
сретниме нека победи подобриот –
заврши Лазаров.

Ждрепката за осминафиналните двојки во Лигата на Шампиони е во 12:30 часот.

Мх.П.