Европскиот шампион Вардар имаше успешна премиера пред домашните гледачи во новата сезона, откако со 27-23 (14-10) го совлада тимот на Нант во кој настапува капитенот на македонската селекција Кирил Лазаров.
„Црвено црните“ имаа подеми и падови во текот на мечот, а периодично тоа го користеше гостинскиот состав кој имаше и благо водство во првиот дел.
Од 7-6 негатива, „вардарци“ направија серија 7-2 и го презедоа водството кое иаку варираше од пет до еден погодок го задржаа до крајот на мечот.
Во листата на стрелци кај домаќините се истакнаа Рожерио Мораеш Фереира со шест голови и Даинис Кристофанс кој постигна еден помалку, кај гостите по четири голови постигнаа Гурбиндо, Нијокас и Балагуер, додека нашиот репрезентативец Лазаров не ја затреса мрежата.
Ова е втор триумф на скопските ракометари во вториот меч во ЛШ и наговестуваат битка до последен здив за одбрана на трофејот освоен минатата сезона.
Во следната трета рунда ракометарите на Вардар на домашен терен ќе го пречекаат тимот на Загреб.
OhridNеws