Дуелот на фудбалските великани, Милан и Барселона, ќе ги одбележи четвртфиналните соочувања во Лигата на шампиони. Актуелните шампиони на Италија и Шпанија, заедно имаат освоено 11 титули во елитното фудбалско натпреварување. Баерн Минхен-Олимпик Марсеј е вториот меч кој ќе се одигра во среда од 20:45.


Милан и Барселона, во тековната сезона, веќе одиграа две средби. Во Х групата, поуспешна беше Барселона, на домашен терен одигра 2:2 со Милан, а во Милано Каталонците победија со 2:1.

Тренерот на Милан, Масимилијано Алегри, смета дека неговиот тим, кој е лидер во Серија А, е подготвен за двомечот со европскиот првак и дека неговите избраници најдобар играат во најзначајните натпревари.

„Црвено-црните“ се потпираат и на статистиката, имено, во досегашните 14 настапи во четвртфиналето во Лигата на шампиони, никогаш не загубиле на свој терен.

Милан последен пат ја победил Барселона, во фазата по групи во ЛШ, во 2004 година, кога единствениот гол на мечот го постигна Андреј Шевченко.


Каталонскиот великан, исто како и Милан има 15 настапи во четвртфиналето во ЛШ и исто како и противникот 11 пати минале понатаму. Барса победила на последните две гостувања на „Сан Сиро“, сезонава 1:2 и во 2006, кога стрелец беше Лудовик Жили.

Дуелите на овие два тима секогаш биле возбудливи и ефикасни, а најпознат е оној од 1994 година, кога Милан во финалето ја совлада Барселона со 4:0.

Најдобриот светски фудбалер, Лионел Меси, на овој натпревар ќе има можност да собори уште некој рекорд. Доколку Меси постигне гол тогаш ќе стане најдобриот стрелец во ЛШ, во една сезона. Меси во моментов го дели првото место со ван Нистелрој, со 12 постигнати голови.

Победникот од овој двомеч, чии реванш ќе се одигра на 3. април, во полуфиналето ќе игра со подобриот од пресметката помеѓу Челзи и Бенфика.

“Макфакс“
Ohridnews