Осминафиналните натпревари во Лигата на Шампиони продолжуваат со мечевите меѓу Барселона – Манчестер Сити и Пари Сент Жермен – Баерн Леверкузен.

Каталонците на првиот натпревар одигран на „Етихад“ забележаа победа 2-0, но и тоа не гарантира сигурен пласман во 1/4 финалето. Моменталната форма на Барселона, на Меси и неиграњето на Андрес Иниеста се премногу проблеми и за екипа каква што е Барселона.

Ниту формата на Манчестер Сити не е во нагорна линија, тоа се докажа со елиминацијата од ФА Купот од второлигашот Виган.

– На Ноу Камп не доаѓаме само да одиграме натпревар и да заборавиме на него. Тука доаѓаме да се надигруваме, да победиме и да обезбедиме пласман во следната фаза од Лигата на Шампиони – рече капитенот на „граѓаните“, Винсент Компани.

„Светците“ предводени од Златан Ибрахимовиќ и убедливата победа на „Бај Арената“ 4-0 не би требало да имаат поголем проблем на реванш дуелот со „фармацефтите“.

Победниците од овие натпревари во 1/4 финалето ќе им прават друштво на Баерн Минхен и Атлетико Мадрид кои синоќа обезбедија пласман меѓу најдобрите осум.

Мх.П.