Носителот на пратеничката листа на Коалицијата ВМРО за Македонија во 5 И.Е. Љубе Бошкоски, денеска оствари средба со граѓаните на Охрид. Тој рече дека на Македонија и се потребни промени, посочувајќи дека период од една деценија е доволен да се согледа владеењето на актуелната власт, која треба да си замине бидејќи ги уназадила демократските процеси и постојано на гласачите им нуди едни исти проекти кои само се препишуваат од една во друга изборна програма, а никако да се реализираат.

-Навистина е време Македонија да ја крене главата горе и да сфати дека десет години живеевме во една недемократска држава, во држава каде што не владееше правото и се газеа човековите права, но во држава во која исто така треба да докажеме и покажеме дека идната влада која ќе ја составува идната влада на Република Македонија ќе покаже дека нејзиниот мотив нема да биде реваншизмот. Секако тое не подразбира дека треба да го заборавиме минатото. – изјави Бошкоски.

Носителот на коалицијата ВМРО за Македонија рече дека Охрид е најдобар пример дека не се реалирани капитални инфраструктурни проблеми од многуте кои се ветуваат.

– Охриѓани знаат и гледаат што изгради владата во која премиер беше Љубчо Георгиевски, но нема надградба на тие големи проекти реализирани тогаш. Се уште го нема патот до Пештани. – рече Бошкоски.

Љубе Бошкоски истакна дека тој како и другите политичари од Коалицијата ВМРО за Македонија сега се многу пискусни и ќе знаат како да ја водат Македонија.

OhridNews