„Јавноста ќе биде шокирана кога ќе ја дознае целата вистина за случајот „Кампања“ и за моето апсење“. Ова е една од пораките што ги испрати Љубе Бошкоски во вечерашната Топ Тема на телевизија Телма, во првото интервју кое го даде по излегувањето од затворот во Идризово, каде одлежа пет години за нелегално финансирање на изборната кампања во 2011 година. „Мојата совест е чиста. Сега некој друг има немирен сон. Дојде време прогонителите да бидат прогонети“, рече Бошкоски.

Лидерот на Обединети за Македонија истакна дека коалицијата „ВМРО за Македонија“ никогаш нема да коалицира со, како што рече, раководството на ВМРО ДПМНЕ кое Македонија ја донесе во деветиот круг на Дантеовиот пекол.

„Не можеме и не смееме. Ние можеме да ја вратиме надежта кај членството на ВМРО ДПМНЕ, да покажеме дека во ВМРО ДПМНЕ може да се врати демократијата и да се вратиме на основните начела, начелата на кои е формирано, а тоа се функционирање на слободите, човековите права и единството помеѓу граѓаните, односно обединување за заедничка иднина на РМ, она што денес е ставено во втор план.“

Според Бошкоски, за коалицијата во која се и ВМРО НП и Достоинство, ќе биде голема победа доколку освојат пратеници од кои ќе зависи формирањето влада.

„Дали ќе ни тропне господинот Груевски или господинот Заев, не знам, но ако ни тропне господинот Груевски, портите ќе му бидат затворени.“ – истакна во интервјуто на „Топ тема“ на телевизија Телма лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски.

OhridNews
извор: „Телма“