Фудбалскиот клуб Ривер Плата е нов шампион во најеминетното клупско натпреварување во Јужна Америка. До титулата во историското финале во Копа Либертадорес, Ривер Плата стигна со победата над лутиот ривал Бока Јуниорс (3-1) после дополнителни триесет минути од реваншот кој се одигра во Мадрид. Првиот меч заврши 2-2.

Регуларниот дел од натпреварот заврши без победник 1-1, но понуди многу возбудувања. Бока Јуниорс го отвори резултатот со голот на Дарио Бенедето во 44-та минута. Ривер Плата изедначи во 67-та минута преку Прато кој со погодок ја круниса одличната акција на својата екипа. Двете екипи не створија колосална прилика за втор погодок и мечот отиде во продолженија.

Во првата минута од продолжението падна можеби најважна одлука во финалниот двомеч. Вилмар Бариос доби црвен картон и го остави составот на Бока на цедило. Бариос кој имаше жолт картон стартуваше остро, а судијата без размислување му додели втор жолт и автоматски црвен картон.

Бока Јуниорс оддолеа на нападите во првото продолжение. Но, Ривер Плата уште пожестоко тргна во вторите 15-тина минути. Офанзивната игра со плод вроди во 109-та минута, кога Хуан Кинтеро со еврогол донесе водство за Ривер Плата. Бока Јуниорс после примениот погодок фрли на една карта, а тоа остави простор за Ривер од контра напад да го загрози голот на противникот. Во 120-та минута Ривер Плата стави точка, откако Гонзало Мартинез погоди за 3-1.

Ривер Плата со триумфот над Бока Јуниорс стигна до четвртата титула во историја и обезбеди учество во  фазата по групи во Копа Либертадорес следната сезона. Минатата сезона на титулата се радуваше Гремио.

OhridNews