Од денеска напладне до 22:00 часот и секој нареден ден до надминување на проблемот со затворениот патен правец во Албанија поради оштетување на мост ќе бидат пропуштани товарни моторни возила (празни и полни) од албанска страна на граничниот премин Блато. Фитосанитарниот преглед за товарните возила ќе може да се направи до 18:00 часот, информираат од асоцијацијацијата Макам-транс.

Поради големо свлечиште и оштетувања на коловозот, како и оштетувања и поместување на мостот на делницата Либражд – Прењас, кои се дел од Коридорот 8, сообраќајот од Ќафасан кон Албанија е блокиран од неделата поради што голем број камиони се заглавени на преминот.

Товарените возила со себе да имаат кантарски белешки од местото на утовар или при влез во Албанија да имаат нивна кантарска белешка (на Блато нема вага). Сите кои ќе влезат со полни возила, претходно да побараат од назначената шпедитерска куќа да ги внесат податоците во царинскиот систем за да може цариникот да ги спореди податоците, затоа што на Блато нема шпедитери кои би ги изработувале документите, велат.

За сите, пак, кои превезуваат производи кои подлежат на ветеринарен преглед или се работи за акцизна стока, додаваат, ќе мора да го користите граничниот премин Блаце како премин за влез во државата.

OhridNews