Американското деловно списание Forbes ја објави најновата листа на држави најпогодни за водење бизнис, на која Македонија се најде на високото 37 место, во конкуренција на 141 земја.

Македонија е најдобра рангирана во категориите монетарна слобода и бирократија, каде што се најде на самиот врв, односно го зазеде второто  и петтото место.

Во категоријата заштита на инвеститорите Македонија е рангирана на 19 место, во даночната политика е на 22 место, во слободата на тргувањето се најде на 48-та позиција, корупцијата на 60, во личната слобода е 67, а во технологијата на 69 место.

Полошо рангираше Македонија има за категориите сопственички права, каде е рангирана на 84 место и во категоријата иновации, рангирана на дури 108 место

Македонија е подложна на економските случувања во Европа, поради силните банкарски и трговски врски, а континуиран економски раст зависи и од регионалната интеграција и напредокот кон членството во ЕУ, се вели меѓу другото во образложението на Forbes.

Во споредба со соседните држави, Македонија е најдобро рангирана, а следат Црна Гора (на 45 место), Хрватска (47), Бугарија (49), Турција (52), Грција (68), Албанија (74), БиХ (85) и Србија (90). Од поширокото опкружување, единствено Словенија е подобро рангирана до Македонија и се најде на 23 позиција.

На врвот на листа на Forbes, како најпогодна држава за водење бизнис се најде Нов Зеланд, кој напредуваше од минатогодишното второ место првенствено поради транспарентната и стабилна деловна клима, која го поттикнува претприемништвото.

На второ место е Данска, а следат  Хонгконг, Сингапур, Канада, Ирска, Шведска, Норвешка, Финска и Велика Британија.

Евидентен е и падот на САД на листата на Forbes на 12 место, откако лани беше 10, а во 2009 година беше на втората позиција

Во составувањето на листата Форбс се потпре на податоците и извештаите на повеќе релевантни институции, како што се ЦИА, „Фридом Хаус“, „Херитиџ фаундејшн“, „Проперти рајтс алајанс“, „Транспаренси интернешнл“, „Светската банка“ и „Светскиот економски форум“.

Оhridnews
извор:„Макфакс“