Пред “црвено жолтите“ е Европското првенство во Словенија, каде ќе го бранат четврото место освоено во Литванија. Тогаш на селектороското место беше Марин Докузоски. Ждрепката за групите на ЕП ќе се изврши в недела, а македонската експедиција патува без шеф на стручниот штаб.
– Треба да се избере човек што ќе биде достоен за оваа функција и да има време за целосно и максимално да ѝ се посвети на работата. Се работи за настап на ЕП, па затоа и не треба да избрзуваме со одлуките. Премногу е краток периодот до недела за да можеме да именуваме нов селектор. За тоа треба внимателно да се разгледаат опциите и да се разговара со можните кандидати – истакна директорот на репрезентацијата за “Нова Македонија“, Врбица Стефанов.
Селекциите ќе бидат сместени во шест групи, по шест репрезентации. Македонија заедно со репрезентациите на Шпанија, Русија и Франција е во првиот шешир.