Македонската кошаркарска репрезентацијата влегува во последната фаза на подготовките пред заминувањето на Европското првенство во Литванија. Натпреварите на „Трофеј Македонија 2011“, кој се игра од денес до недела во СЦ „Борис Трајковски“, ќе бидат едни од последните подготвителни средби за нашиот национален тим.


 

„Ова е последен тест за нас. Не планиравме да играме со Црна Гора, но поради отказот на Бугарија, моравме да одиграме уште две средби, па сега останува да ги одработиме овие две проверки. Убеден сум дека ќе играме подобро отколку во Словенија, иако се соочуваме со мали повреди. Играчите се наоѓаат во се подобра форма и до почетокот на ЕП треба да го добиеме вистинскиот лик“, изјави селекторот Марин Докузовски.

 

Нашиот плејмејкер, Владо Илиевски, истакна дека ЕП е само по себе голем успех за Македонија. Сепак, очекува добар настап на дуелите во Литванија. „Воиграноста беше најголем проблем. Сега ситуацијата е многу подобра и мислам дека публиката ќе ужива на овие две средби. Ќе дадеме се од себе да го потврдиме нашиот квалитет“, вели тој.

Вечерва од 21 часот (пренос на Канал 5) ќе го одиграме премиерниот дуел со Црна Гора.