Македонската женска кошаркарска репрезентација се пласираше во финалето од европскиот шампионат за мали земји што вечерва се игра во Охрид. “Црвено-жолтите“ до финалето стигнаа откако со убедливи 80-61 ја совладаа репрезентацијата на Шкотска. Противник на Македонија во финалето ќе биде селекцијата на Австрија која беше подобра од Малта, победувајќи со 61-53.
– Пласманот во финалето беше нашата цел, силно бевме мотивирани за овој меч, а тој мотив сигурно дека нема да недостасува и во финалниот меч против Австрија. Повеќе од се го посакуваме првото место и охридското злато – рече Муса која мечот го заврши со дабл-дабл учинок 12 поени и 11 скока.
– Влеговме многу мотивирано, но желбата за победа малце негативно влијаеше на младите девојки. Го минавме тој момент, ја превздедов иницијативата, ја “легнавме“ топката одигравме борбено во одбраната . Финалниот меч зависи само од нас, играме на домашен терен имаме одлична публика. Се познаваме со австриската репрезентација, одигравме еден меч, очекувам интересно финале и секако наша победа – вели Димовска која на мечот против Шкотска постигна 18 поени, најмногу за неа на еден меч од шампионатот.
– Има голема разлика меѓу онаа младинска У20 селекција и оваа А селекција каде се е многу посериозно, имаме доста искусни кошаркарки кои не водат, и сега сме во финалето. Многу ја посакуваме победата, играме максимално борбено и нема воопшто да не биде заслужено доколку триумфираме – смета Тантуровска кој имаше 4/6 реализација од ударите за три поени и мечот го заврши со 14 поени.
– Овој натпревар беше најдобриот до сега, во прав момент одигравме како што навистина знаеме и ја темпиравме формата за овие завршни мечеви. Досега не го покажавме вистинското лице, а имаме и екстра мотиви во финалето. Австрија е сериозна екипа и ние така ќе му пристапиме на финалето – потенцираше капитенот Моника Гаврилоска, која исто така имаше дабл-дабл учинок 17 поени и 12 скока.
Селекторот Милкова е задоволна од постигнатото, а посакува оваа сказна да има среќен крај и да се закитат со злато.
– Пласманот во финалето е навистина огромен успех за овие девојки кои пружија одличен меч. Повторно имавме некои грешки во играта, поготово во скок играта, но ние сме млада екипа и допрва созреваме. Не очекува тежок меч но доколку одиграме како што знаеме и умеме ќе го освоиме златниот медал – рече селекторот Милкова.
Македонија во втората рунда од мечевите по групи играше со Австрија и ја совлада со 41-39. Австрискиот селектор, посакува реванш во финалето за поразот по групи.
– Одигравме меч како од книгите против фаворизираната Малта и заслужено се пласиравме во финалето. Посакувам да се реваншираме за поразот во групата и да го освоиме најсјаното одличје – рече Мајк Крес.
Финалниот меч Македонија – Австрија се игра во 19 часот, а претходно се играат натпреварите за распоред на местата на европскиот шампионат за мали земји.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com